Либан објави дека Хезболах прифатил американски план за запирање на нападите врз Израел, кој, пак, се согласил дека нема да го напаѓа Бејрут. Либанската амбасада во САД кажа дека примила потврда дека Хезболах го прифаќа планот за заемно запирање на нападите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја потврди спогодбата, но предупреди дека Бејрут ќе биде нападнат ако Хезболах не запре со нападите врз израелските градови и цивили.
Ова следува откако Доналд Трамп објави дека разговарал со Нетанјаху и со претставници на Хезболах, велејќи дека сите се согласиле да запрат со пукањето. Иран претходно предупреди дека ширењето на војната во Либан е закана за прекинот на огнот и објави дека прекинува со индиректните преговори со САД.
„Според предложениот договор, израелските напади врз јужните предградија на Бејрут би престанале во замена за воздржување на Хезболах од напади врз Израел. Прекинот на огнот треба да се прошири за да ја опфати целата либанска територија“, соопшти амбасадата на Либан во Вашингтон.
Нетанјаху во исто време рече дека „Израелските одбранбени сили ќе продолжат да дејствуваат во јужен Либан како што е планирано“.
Откако Трамп изјави дека двете страни се согласиле да престанат со борбите, некои судири продолжија. Хезболах кажа дека извел три напади врз израелски тенкови и војници близу две села во северен Израел.
Откако вчера беше известено дека Нетанјаху наредил напади врз јужните предградија на Бејрут, кои важат за упоришта на Хезболах, новинската агенција „Тасним“, која е поврзана со Иранската револуционерна гарда, соопшти дека Иран и неговите сојузници би можеле да активираат други фронтови, вклучувајќи го и теснецот Баб ал-Мандаб на влезот во Црвеното Море.
САД се обидуваат да го издвојат Либан од мировниот договор со Иран, но Техеран инсистира дека тој да важи за сите фронтови.



