Висок израелски функционер изјави дека израелската влада ќе се состане утре за да одобри договор за примирје со Хезболах, додека еден либански функционер кажа дека договорот би можел да биде објавен во следните часови. Израелски функционери денеска кажаа дека крајот на војната е близу, иако остануваат некои прашања.
Американскиот сајт „Аксиос“ објави дека Израел и Хезболах ги договориле условите од договорот и дека Тел Авив ќе го одобри утре.
Израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дани Данон, изјави дека Израел ќе ја задржи способноста да го напаѓа јужен Либан според кој било договор.
САД долго време се залагаа за постигнување договор со кој би се ставил крај на повеќе од една година судири помеѓу Израел и Хезболах, што почнаа паралелно со војната во Газа и драстично се засилија во изминатите два месеца. Заменик-спикерот на либанскиот парламент Елијас Боу Саб кажа дека нема сериозни пречки за спроведување на примирјето предложено од САД.
Според него, договорот предвидува повлекување на израелските сили од јужен Либан и распоредување на регуларната либанска војска во пограничниот регион, кој долго време беше упориште на Хезболах. Комитет составен од пет држави би го надгледувал спроведувањето на договорот.
Паралелно со дипломатските напори, Израел викендов продолжи да го напаѓа Бејрут, при што во еден напад загинаа 29 луѓе.