ИЗРАЕЛ ИМА ТРИСЛОЈНА ПРОТИВВОЗДУШНА ОДБРАНА, ВО КОЈА НАЈСКАПИТЕ ПРОЕКТИЛИ ЧИНАТ 3,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

    ИЗРАЕЛ ИМА ТРИСЛОЈНА ПРОТИВВОЗДУШНА ОДБРАНА, ВО КОЈА НАЈСКАПИТЕ ПРОЕКТИЛИ ЧИНАТ 3,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИНе е познато колку ирански проектили вчера паднале во Израел (Фото: Гети)

    Одлуката на Иран да лансира 180 балистички проектили во вчерашниот напад врз Израел покажува дека Техеран сакал да нанесе сериозна штета, за разлика од нападот во април, кој однапред беше најавен. Израел потврди дека Иран успеал да погоди некои воени бази, но штетата била минимална.

    Бидејќи станува збор за балистички проектили, тие тешко се пресретнуваат. За разлика од претходно користените проектили „емад“ и „гадр“, кои патуваат шест пати побрзо од брзината на звукот и им требаат 12 минути за да стигнат од Иран до Израел, во вчерашниот напад биле лансирани и уште побрзите, хиперсонични проектили „фатех-2“, чија максимална брзина е проценета на 16.000 километри на час.

    Се верува дека Иран располага со околу 3.000 балистички проектили, иако овие проценки на САД потекнуваат од пред две и пол години, па бројката би можела да биде и поголема. Испукувањето на толку многу проектили за само неколку минути претставува сериозен напор да се надмине или исцрпи израелската противвоздушна одбрана. Бидејќи таа е софистицирана, пресретнувачките ракети се скапи и нивните залихи не се познати.

    Соборувањето на балистички проектили е задача на американско-израелските системи со долг дострел „ероу 3“ и „ероу 2“, кои се поддржани од системите „Дејвид‘с слинг“ со среден дострел. Попознатиот систем „Железна купола“ се користи за пресретнување ракети со краток дострел, како оние што ги испукува Хамас од Газа.

    Се проценува дека една ракета за системите „ероу“ чини 3,5 милиони долари, а за „Дејвид‘с слинг“ околу милион долари. Од друга страна, вредноста на еден ирански балистички проектил е најмалку 80.000 долари.

    Не е познато колку ирански проектили вчера паднале во Израел. Во априлскиот напад, од лансираните 120, само девет успеале да поминат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира