САД ги отфрлија меѓународните повици за примирје помеѓу Израел и Хамас, велејќи дека тоа не е вистинскиот одговор во моментов. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, кажа дека се потребни паузи во борбите за да може да влезе хуманитарна помош во Газа.
Залихите на храна, вода за пиење, лекови и гориво се на критично ниско ниво за 2,2 милиона жители на Газа, но израелскиот премиер Нетанјаху вчера кажа дека нема да има примирје додека Хамас не биде растурен.
„Уверени сме дека повеќе камиони со помош можат да влезат од Египет во Газа. Зборевме со израелската влада бројот на камионите кои секој ден ја поминуваат границата да се зголеми на стотина“, изјави Кирби.
Според Обединетите нации, од почетокот на војната, во Газа влегле 500 камиони со помош, додека бројот на загинати во израелските напади порасна на 8.300.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека бавно и внимателно ги прошируваат своите операции во Газа и дека нападите се изведуваат и од копно и од воздух.
„ИДФ ги напаѓа сите делови на Газа, со посебен фокус на северниот дел. Во последните 24 часа се погодени околу 300 цели“, изјави портпаролот на ИДФ, Џонатан Конрикус.
Израелците вчера нападнаа подлабоко во северна Газа, каде што се верува дека се останати уште 600.000 цивили.