ИЗРАЕЛ НАПАЃА ВОЕНИ ЦЕЛИ ВО СИРИЈА ПО ПАДОТ НА АСАД, ГЛАВНАТА МЕТА СЕ ЛОКАЦИИ СО ХЕМИСКО ОРУЖЈЕ

    ИЗРАЕЛ НАПАЃА ВОЕНИ ЦЕЛИ ВО СИРИЈА ПО ПАДОТ НА АСАД, ГЛАВНАТА МЕТА СЕ ЛОКАЦИИ СО ХЕМИСКО ОРУЖЈЕИзраел вели дека не сака да дозволи оружјето да падне во рацете на екстремисти (Фото: Анадолу)

    Сириските медиуми објавија дека израелски борбени авиони извеле десетици напади врз земјата, вклучувајќи го и Дамаск, по падот на режимот на Башар ал-Асад, кој пребегна во Русија викендов. Сириската опсерваторија за човекови права (СОЧП) со седиште во Велика Британија кажа дека во изминатите два дена имало повеќе од 300 напади врз воени цели, меѓу кои се и локации поврзани со производството на хемиско оружје.

    Израел ги потврди нападите, велејќи дека не сака да дозволи оружјето да падне во рацете на екстремисти по соборувањето на Асад. Нападите уследија откако Обединетите нации ги предупредија властите во Сирија да ги осигураат можните залихи на хемиско оружје.

    Употребата на хемиското оружје е забранета според меѓународното хуманитарно право и се верува дека режимот на Асад чувал залихи, но не е познато колкави. Во напад со нервен агенс сарин врз предградие на Дамаск во 2013 починале повеќе од 1.400 луѓе.

    СОЧП кажа дека мета на израелските напади била и локација во Дамаск, каде што ирански научници наводно развивале проектили.

    Набргу по падот на Асад, израелската војска ја окупираше сириската страна на планината Хермон и влезе во зоната на разграничување на Голанската Висорамнина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира