Израел објави дека ќе ги претвори воздушните напади врз Газа во моќен ураган како последно предупредување до Хамас дека ќе ја уништи енклавата ако не се предаде и не ги ослободи преостанатите 48 заложници.
Хамас изјави дека го проучува последниот американски предлог за прекин на огнот изнесен вчера, за кој Доналд Трамп кажа дека е последна шанса за групата.
„Силен ураган ќе го погоди небото над градот Газа денеска, а покривите на кулите на теророт ќе се тресат. Ова е последно предупредување до убијците и силувачите на Хамас во Газа и во луксузните хотели во странство. Ослободете ги заложниците и положете го оружјето или Газа ќе биде уништена, а вие ќе бидете истребени“, напиша израелскиот министер за одбрана Израел Кац на Икс.
Тој се огласи набргу по денешниот напад на автобуска станица во Источен Ерусалим, во кој беа убиени шестмина луѓе. Хамас не ја презеде одговорноста за овој напад, за кој кажа дека е природен одговор на израелските воени активности во Газа.
Според висок израелски функционер, најновиот предлог на САД бара Хамас да ги врати сите живи и мртви заложници на првиот ден од прекинот на огнот, за време на кој би се воделе преговори за завршување на војната. Израел кажа дека „сериозно го разгледува“ предлогот на Трамп, но не даде повеќе детали.
Израел минатиот месец започна голем напад врз градот Газа, каде што стотици илјади жители живеат во урнатините.