Петмина новинари на „Ал Џазира“ се убиени во израелски напад близу болницата „Ал Шифа“ во градот Газа, објави оваа телевизија. Репортерите Анас ал-Шариф и Мохамед Креикех и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива биле во шатор за новинари кај главниот влез на болницата кога се случил нападот.
Израел го потврди нападот, велејќи дека мета бил Ал-Шариф, кого го опиша како „водач на терористичка ќелија на Хамас“. Активистите за човекови права кажаа дека 28-годишниот Ал-Шариф бил убиен поради своето известување од Газа и го обвинија Израел дека нема докази за своето тврдење.
„Ал Џазира“ кажа дека вкупно седуммина луѓе загинале во овој напад.
„Како акредитиран новинар Ал-Шариф беше единствениот глас преку кој светот дознаваше што се случува во Појасот Газа. Тие беа нападнати во својот шатор, не известуваа од бојното поле“, изјави уредникот на „Ал Џазира“ Мохамед Моавад.
Во исто време, израелската војска кажа дека „Ал-Шариф бил шеф на ќелија на Хамас одговорен за ракетни напади врз израелските цивили и војници“.
Од почетокот на војната, Израел не им дозволува на странските новинари слободно да известуваат од Газа, при што многу медиуми се потпираат врз локални новинари кои известуваат од енклавата. Според Комитетот за заштита на новинари, досега е потврдено дека загинале 186 новинари и медиумски работници.