Над 10.000 Палестинци загинале во израелската воена операција во Газа од 7 октомври, објави тамошното министерство за здравство. Вкупниот број загинати сега е 10.022, од кои 4.104 се деца. Иако овие бројки не можат независно да се потврдат и некои политичари, меѓу кои и Џо Бајден, изразија сомнеж во нив, Светската здравствена организација кажа дека се релевантни.
Сите владини установи и агенции во Газа, меѓу кои и министерството за здравство, се контролирани од Хамас.
„Целото население е опколено и нападнато и оневозможен му е пристап до неопходните нешта за опстанок. Се бомбардираат домови, засолништа, болници и верски објекти. Ова е неприфатливо. Потребно е итно хуманитарно примирје. Поминаа 30 дена, ова мора веднаш да запре“, побараа шефовите на агенциите на Обединетите нации.
Израелската војска кажа дека вчера бомбардирала 450 цели во Газа, при што, според директорот на болницата „Ал-Шифа“, загинале околу 200 цивили. Израелските медиуми објавија дека градот Газа е целосно окружен и трупите се подготвуваат да влезат во него во следните 48 часа.
„Го довршивме опколувањето и ги одвоивме упориштата на Хамас на северот од југот на Газа“, изјави портпаролот на армијата Ричард Хехт.
Се верува дека стотици илјади цивили се останати на северот на енклавата и се наоѓаат на патот на очекуваниот израелски напад. Израел ги отфрла повиците за примирје и хуманитарни паузи во борбите и се наоѓа под силен дипломатски притисок околу цивилните жртви.