Израел објави дека убил висок заповедник на Хезболах во вчерашниот ракетен напад врз јужно предградие на Бејрут. Хезболах не ја потврди смртта на Фуад Шукр, но кажа дека тој бил во погодената зграда во моментот на нападот.
„Фуад Шукр беше мета на елиминација заснована врз разузнавачки информации“, објави израелската војска.
Израел го обвини Шукр дека е одговорен за саботниот ракетен напад врз Голанската Висорамнина, кога загинаа 12-мина млади. Хезболах ја негираше вмешаноста во овој напад.
„Сѐ уште се расчистуваат остатоците од погодената зграда во населбата Дание. Има повеќе загинати“, соопшти Хезболах.
Како дел од старата гарда, Фуад Шукр важеше за близок советник на лидерот на Хезболах и беше баран од САД за неговата улога во бомбашкиот напад во Бејрут во 1983, кога загинаа околу 300 американски и француски војници. Тој презел важни задолженија во проиранската група по убиството на нејзиниот висок заповедник Мустафа Бадредин во 2016. Стејт департментот понуди награда од пет милиони долари за негово фаќање.