ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА ОБЈАВИ ДЕКА ЗАПОЧНАЛА СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ГАЗА

    ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА ОБЈАВИ ДЕКА ЗАПОЧНАЛА СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ГАЗАЖители на Газа слават по веста дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот (Фото: АП)

    Израелската војска објави дека започнала со подготовките за повлекување на своите трупи од Газа откако денеска беше објавено дека е постигнат договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека договорот ќе стапи во сила откако ќе биде одобрен од израелската влада, која ќе се состане попладнево.

    „Израелските одбранбени сили започнаа оперативни подготовки пред спроведувањето на договорот. Како дел од овој процес, во тек се подготовки за скорешно преминување на прилагодени линии на распоредување“, соопшти војската.

    Според договорот, борбите ќе запрат, Израел делумно ќе се повлече од Газа, а Хамас ќе ги ослободи заложниците во замена за стотици Палестинци во израелските затвори. Еден добро упатен извор кажа дека повлекувањето на израелската војска ќе почне во рок од 24 часа по потпишувањето на договорот.

    Ослободувањето на 20-темина живи заложници се очекува в недела или понеделник, изјави еден израелски функционер. Останатите 26-мина заложници се прогласени за мртви, а судбината на двајца не е позната. Хамас навести дека ќе им треба некое време за да ги соберат телата расфрлани низ Газа.

    Големиот напредок во мировните преговори во Египет беше објавен ден по двегодишнината од бруталниот упад на Хамас во Израел, што ја поттикна војната во Газа, во која загинаа над 67.000 луѓе. Сепак, Доналд Трамп не изнесе детали за договорот и многу прашања остануваат нерешени.

    „Горд сум што можам да објавам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план. Тоа значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече трупите на договорена линија, што се први чекори кон силен и траен мир“, кажа Трамп.

    Нетанјаху изјави дека договорот е дипломатски успех и национална и морална победа за државата Израел.

    Министрите за надворешни работи на Германија, Шпанија, Италија, Велика Британија, Европска Унија, Турција, Египет, Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар и Јордан денеска ќе се сретнат во Париз за да разговараат за спроведувањето на прекинот на огнот во Газа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира