Израелската војска го бомбардира најголемиот град на југот на Газа, Кан Јунис, додавајќи дека се водат најжестоките борби од почетокот на копнената офанзива пред пет недели. Израел вчера кажа дека неговите сили влегле во срцето на Кан Јунис и го имаат опколено.
Борбите одново се вжештија откако минатата недела заврши седумдневното примирје.
Министерството за здравство на Газа објави дека најмалку 45 цивили се убиени во израелски напад на куќи во градот Деир ал-Балах, северно од Кан Јунис, со што бројот на загинати од почетокот на конфликтот порасна на 16.248. Израелската војска ја потврди смртта на 83 свои припадници.
По крахот на примирјето, Израел објавува онлајн мапи за да им посочи на цивилите каде да се евакуираат за да ги избегнат нападите. Обединетите нации кажаа дека над 600.000 цивили на југот добиле наредба за евакуација, од кои повеќето веќе ги имаат напуштено своите домови.
Израелската војска им препорачува на цивилите да одат кон градот Рафа близу границата со Египет или во Ал-Маваси, тенок појас на територија долж брегот на Средоземното Море.
Жителите на Газа велат дека нема безбедно место во енклавата, зашто преостанатите градови и засолништа се веќе преплавени со бегалци.