Израелскиот крајнодесничарски министер за финансии Бецалел Смотрич изјави дека плановите за изградба на повеќе од 3.000 доселенички домови на окупираниот Западен Брег ќе ја закопаат идејата за палестинска држава.
Таканаречениот проект Е1 меѓу Ерусалим и населбата Мале Адумим е замрзнат со децении поради жестокото меѓународно противење. Градењето би го отсекол Западниот Брег од окупираниот Источен Ерусалим и значително би го попречило неговиот територијален континуитет.
„Тоа би ја уништило идејата за палестинска држава бидејќи ќе нема што да се признае“, кажа Смотрич.
Населбите се сметаат за нелегални според меѓународното право, што Израел го оспорува.
Според израелската група „Мир сега“, која се противи на населбите, околу 700.000 доселеници живеат во приближно 160 населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим. Оваа земја Палестинците ја бараат за идна независна држава.
„По децении меѓународен притисок и замрзнувања, ги кршиме конвенциите и го поврзуваме Мале Адумим со Ерусалим. Ова е ционизмот во својот најдобар облик – градење, населување и зајакнување на нашиот суверенитет во државата Израел“, рече Смотрич.
Тој додаде дека оваа земја им била дадена на Евреите од господ.
Палестинското министерство за надворешни работи го нарече новиот план за населување „продолжување на злосторствата, како геноцид, раселување и анексија“.