Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се огради од еден свој министер, кој предложи да се фрли атомска бомба на Газа. Ултрадесничарот Амихај Елијаху, кој е министер за наследство во воениот владин кабинет, кажа дека фрлањето атомска бомба е една од опциите зашто во Газа нема невини и дека Палестинците ако сакаат, можат да одат во Ирска или во пустини.
„Изјавите на Елијаху немаат основа во реалноста. Израел и Израелските одбранбени сили дејствуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да се избегнат цивилни жртви“, кажаа од кабинетот на Нетанјаху.
Израелската војска кажа дека им дала нов четиричасовен рок на цивилите да преминат од северот на југот на Газа. Евакуацијата ќе се одвива преку главниот автопат кој поминува низ Појасот Газа, а коридорот ќе биде отворен до 14 часот по локално време.
Се верува дека меѓу 350.000 и 400.000 цивили се останати на северот на Газа, иако Израел нареди целосна евакуција на оваа област поради интензивните бомбардирања. Иако на цивилите им беше кажано да одат на југ, Израел и таму изведува воздушни напади.
Хамас објави дека Израел ноќеска нападнал бегалски камп во централна Газа, при што загинале најмалку 38 луѓе, додека САД ги отфрли повиците за воведување примирје, сметајќи дека корист од него би имале палестинските милитантни групи. Според локалните власти, во Газа досега загинале 9.488 Палестинци.
„Израел директно бомбардира цивилни домови. Најголем дел од загинатите се жени и деца“, кажа Хамас за нападот на бегалскиот камп Магази.