Израелските трупи и тенкови го напаѓаат главниот град во Газа од двете страни, три дена откако ја почнаа копнената офанзива, чија цел е уништувањето на Хамас, кој управува со енклавата. Палестинските милитанти кажаа дека одбиле обид на израелските тенкови да продрат во градот Газа од истокот и дека се борат со нив на границата со Израел.
„Нашата задача денес е борба и само борба“, објави Исламски џихад, додавајќи дека сега не е време за примирје.
Израел ги обнови повиците до жителите на северот на Газа да заминат кон југот. Многумина од нив останаа во градот, загрижени поради израелските бомбардирања на југот.
Локални жители кажаа дека Израел денеска извел десетици воздушни напади на источната страна на градот Газа, а на социјалните мрежи се појави снимка од тенк на главниот пат кој ги поврзува северот и југот на енклавата.
„Тие го пресекоа патот Салах ал-Дин и пукаат на сите возила кои се обидуваат да одат по него“, изјави еден очевидец.
Би-Би-Си ја потврди веродостојноста на една снимка на која тенк пука во автомобил, кој притоа експлодира. Ова е доказ за најдлабокиот пробив на израелските сили во Газа откако почна офанзивата.
„Се движиме по копно и ги напаѓаме терористите од воздух. Има и директни судири помеѓу нашите копнени сили и терористите. Тие се одвиваат во Појасот Газа“, изјави портпаролот на војската Даниел Хагари.