ИЗРАЕЛЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ ОСТАВААТ СÈ И СЕ ОДЗИВААТ НА ПОВИКОТ ЗА МОБИЛИЗАЦИЈА ОТКАКО ХАМАС ЈА НАПАДНА ЗЕМЈАТА

    ИЗРАЕЛЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ ОСТАВААТ СÈ И СЕ ОДЗИВААТ НА ПОВИКОТ ЗА МОБИЛИЗАЦИЈА ОТКАКО ХАМАС ЈА НАПАДНА ЗЕМЈАТАИзраел мобилизираше 360.000 резервисти и се подготвува за копнена офанзива во Газа (Фото: АП)

    Израелци од цел свет се одзваа на повикот за мобилизација откако земјата му објави војна на Хамас оваа недела.

    „Сите доаѓаат, никој не кажува ‘не‘. Ова е различно, ова е досега невидено, правилата се сменија“, изјави 24-годишниот Јонатан Стајнер, кој работи за технолошка компанија во Њујорк.

    Израел мобилизираше 360.000 воени резервисти откако стотици милитанти на Хамас упаднаа во земјата и прегазија гратчиња, кибуци и воени бази близу границата со Газа, при што се убиени повеќе од 1.000 цивили.

    Најголем дел од резервистите веќе биле во Израел кога беше прогласена најобемната мобилизација од војната Јом Кипур во 1973 година, но многумина повикани кои живеат надвор оставиле сѐ и се упатиле дома.

    „Не можам да седам овдека и учам медицина кога знам дека мои пријатели се борат, а моето семејство треба заштита. Ова е мое време“, кажа 23-годишниот Нимрод Недан, кој студира медицина во Литванија.

    Воената служба е задолжителна за мнозинството Израелци откако ќе наполнат 18 години: мажите служат 32, а жените 24 месеци. После ова, најголем дел од нив можат да бидат повикани во резервни единици додека не наполнат 40 години, па и постари, во случај на национална вонредна состојба. Во време на војна, тие се борат заедно со регуларната војска.

    „Израелците во странство преку Вотсап го договараат своето враќање и споделуваат информации за достапните летови. Отворени се Вотсап групи речиси секаде во светот. Не размислував двапати дали треба да одам“, кажа 26-годишниот Једидаја Шалман, кој бил на меден месец во Тајланд кога Хамас го нападна Израел.

    Израелските одбранбени сили потврдија дека досега загинале 222 нивни припадници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира