Палестинските власти кажаа дека 500 луѓе загинале откако во израелски воздушен напад била погодена болница во Газа. Од израелската војска кажаа дека не ја знаат причината за инцидентот и дека ги проверуваат деталите.
„Во нападот на израелски авиони е погодена арапско-баптистичката болница ‘Ал-Ахли‘ во централна Газа. Бројот на загинати достигна до 500. Болницата и натаму е во пламен“, изјави портпаролот на Министерството за здравство на Газа.
Хамас го опиша нападот како воено злосторство.
„Во болницата беа сместени стотици болни и ранети, како и луѓе иселени од своите домови. Стотици жртви и натаму се под урнатините“, соопшти Хамас.
Ако овие бројки се потврдат, ова ќе биде убедливо најсмртоносниот израелски напад во петте војни со Хамас од 2008 година.