Извештајот на американската влада за здравјето на децата содржи целосно измислени истражувања за да ги поткрепи своите наоди, велат професорите погрешно наведени како автори на тие студии.
Објавен на 22 мај, извештајот изнесува детали за причините за кризата со хронични болести кај децата во САД. Изменетата верзија беше издадена на 29 мај откако дигиталниот медиум „НОТУС“ откри дека биле користени седум непостоечки извори.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, рече дека има проблеми со форматирањето и дека извештајот ќе биде ажуриран, додавајќи дека тоа не ја негира суштината на извештајот. Зад извештајот стои министерството за здравство предводено од Роберт Кенеди Џуниор, кој промовираше оспорени тврдења дека вакцините предизвикуваат аутизам.
Извештајот произлезе од извршната наредба на Доналд Трамп за „проучување на опсегот на кризата со хронични болести кај децата и сите потенцијални причини кои придонесуваат за тоа“. Издаден од комисијата „Да ја направиме Америка повторно здрава“, во извештајот се заклучува дека лошата исхрана, токсините од околината, стресот, недоволната физичка активност и прекумерното користење лекови можат да придонесат за хронични болести кај американските деца.
Но, авторите на неколку студии цитирани во извештајот рекоа дека не ги напишале и дека студиите никогаш не постоеле. Гуохуа Ли, професор на Универзитетот Колумбија кој беше именуван како автор на извештај за менталното здравје на децата во пандемијата, изјави дека референцата е целосно измислена и дека не го ни познава наведениот коавтор. Тој беше наведен како автор заедно со Ноа Крески, истражувач од Универзитетот Колумбија, кој исто така негираше дека го напишал извештајот, велејќи дека „се чини дека воопшто не постои таква студија“.
И Кетрин Кејс, професорка по епидемиологија, изјави дека е погрешно именувана како автор.
„Тоа ме загрижува, со оглед на тоа што практиките за цитирање се важен дел од спроведувањето и известувањето за ригорозна наука“, кажа Кејс.