ИЗВЛЕКУВАЊЕТО НА ТАЈЛАНДСКИТЕ МОМЧИЊА ОД ПЕШТЕРИТЕ МОЖЕ ДА ТРАЕ СО МЕСЕЦИ

    ИЗВЛЕКУВАЊЕТО НА ТАЈЛАНДСКИТЕ МОМЧИЊА ОД ПЕШТЕРИТЕ МОЖЕ ДА ТРАЕ СО МЕСЕЦИДецата и нивниот тренер биле лоцирани од двајца британски нуркачи на четири километри од влезот во пештерите

    Дванаесеттемина момчиња и нивниот фудбалски тренер, кои девет дена се водеа како исчезнати во пештери, се живи и добро, но или ќе мора да научат да пливаат и нуркаат или ќе чекаат да се повлече водата за да излезат надвор, што би можело да трае со месеци, изјавија од армијата.

    Тие беа пронајдени од двајца британски нуркачи вчера и иако се на безбедно, спасувачите сега се борат со надојдената вода, која прави голем проблем во доставувањето намирници.

    Според војската, на нив, можеби, ќе треба да им се доставува храна најмалку четири месеци.

    Гувернерот на областа Чијанг Раи, Наронгсак Осотханакон, кажа дека се преземаат напори за инсталирање телефонска врска во пештерите, за да можат децата да разговараат со родителите.

    Во видеото што го постираше морнарицата на Тајланд, децата и нивниот тренер се снимени како седат на мал гребен над површината на водата, при што им одговараат на двајцата нуркачи дека сите се добро, барајќи храна.

    На прашањето кога ќе можат да си одат, нуркачите им кажуваат дека ќе мора да почекаат.

    Иако спасувањето е далеку од завршено, нивното пронаоѓање предизвика бран од воодушевување низ земјата, која со денови живееше во неизвесност и се молеше.

    Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер исчезнаа на 23 јуни, кога тргнале да го истражуваат пештерскиот систем Там Луанг. Се верува дека останале блокирани како последица на ненадеен пороен дожд. Тие се пронајдени четири километри од влезот во пештерата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира