По два дена преговори во Доха, Хамас го именуваше Јахја Синвар за свој нов лидер, заменувајќи го Исмаил Хание, кој беше убиен во Техеран минатата недела. Синвар од 2017 беше шеф на групата во рамките на Појасот Газа, а сега ќе го води нејзиното политичко крило.
Советот на Хамас едногласно го избрал Синвар, што еден функционер на групата го опиша како „порака на пркос кон Израел“.
„Тие го убија Хание, флексибилната личност која беше отворена за решенија. Сега ќе мора да се справуваат со Синвар и со военото крило“, кажа тој.
Регионалните дипломати го сметаа Хание за прагматична личност во споредба со другите водачи на Хамас. Синвар, пак, важи за еден од најекстремните во Хамас. Моментално е најбараната личност од Израел, кој верува дека тој го организирал и спровел упадот на палестинските милитанти на 7 октомври, што беше вовед во војната во Газа.
„Јахја Синвар е терорист одговорен за најбруталниот терористички напад во историјата“, кажа израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац.
Синвар (61) не е виден во јавност од 7 октомври и се верува дека се крие во подземниот десеткатен комплекс во Газа. Роден во бегалски камп во Газа, Синвар голем дел од животот поминал во затвор. Во 1988 беше осуден на четири доживотни казни, но беше ослободен во 2011 во голема размена на затвореници.