Јапонија неочекувано падна во рецесија откако нејзината економија се намалила две тримесечја по ред. Бруто домашниот производ на земјата се намалил за полошо од очекуваните 0,4% во последните три месеци на 2023 во споредба со една година порано. Ова уследи откако јапонската економија се намалила за 3,3% во периодот јули-септември.
Поради ова, Германија го презеде статусот на третата најголема економија на светот, како што беше предвидено од Меѓународниот монетарен фонд уште во октомври.
Економијата на Јапонија пораснала за 1,9% во 2023 во номинална смисла, односно неприспособено на инфлацијата, но во однос на долари, нејзиниот БДП изнесувал 4.200 милијарди долари, а на Германија 4.500 милијарди. Поместувањето, кое доаѓа повеќе од една деценија откако Јапонија ѝ го отстапи второто место на Кина, се припишува на остриот пад на јенот во однос на доларот во последните две години.
Како и Јапонија, Германија е сиромашна со ресурси, населението ѝ старее и е силно зависна од извозот. Најголемата европска економија, исто така, беше потресена од зголемените цени на енергијата поради војната во Украина, растот на каматните стапки во еврозоната и од хроничниот недостиг на квалификувана работна сила. Додека јапонските производители на автомобили и другите извозници имаат корист од слабиот јен, кризата со работната сила е полоша од онаа во Германија.
Покрај Јапонија, и Велика Британија паднала во рецесија во втората половина на 2023, откако бруто домашниот производ ѝ се намалил за 0,3% во периодот октомври-декември.