Соборениот претседател на Венецуела Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се изјаснија како невини при првото појавување во федералниот суд во Менхетн, повеќе од два дена откако беа заробени од американската војска во Каракас.
Мадуро се изјасни како невин по сите четири точки од обвинението, вклучувајќи заговор за нарко-тероризам и поседување митралези и деструктивни направи. Тој му кажа на судот дека и натаму е претседател на Венецуела.
„Јас сум невин, не сум виновен. Јас сум пристоен човек, претседател на мојата земја“, кажа Мадуро преку преведувач.
По него, и Силија Флорес се изјасни како невина за обвиненијата поврзани со дрога и оружје.
Адвокатот на Мадуро изјави дека тој засега не бара пуштање на слобода со кауција. Американските медиуми објавија дека следното рочиште е закажано за 17 март и судијата му наредил на Мадуро да се појави.
По неколкумесечни тензии во регионот, Мадуро беше заробен во изненадувачка воена акција на американската војска во саботата наутро и одведен во САД за да му се суди. Вашингтон долго време го обвинуваше Мадуро за поврзаност со организации за трговија со дрога.



