Доналд Трамп ги отфрли сомнежите во неговото ментално здравје кои се појавија во бомбастичната книга на новинарот Мајкл Волф, опишувајќи се себеси како „многу стабилен гениј“.
Книгата „Оган и гнев: во Белата куќа на Трамп“ не само што ги доведе во прашање капацитетите и способноста за владеење на Трамп, туку сугерира дека и неговите најблиски соработници се сомневаат во нив.
Трамп, по обичај, возврати на овие обвинувања со постови на Твитер.
„Всушност, низ мојот живот, моите две најзначајни особини беа менталната стабилност и фактот дека сум многу паметен. И Хилари Клинтон играше на овие карти и сите знаеме дека изгоре. Јас го поминав патот од многу успешен бизнисмен, преку ТВ-ѕвезда, до претседател на САД. Мислам дека тоа ме квалификува не само како паметен, туку како гениј, и тоа многу стабилен гениј“, напиша Трамп.
Книгата на Мајкл Волф беше пуштена во продажба вчера, четири дена порано од планираното, откако во четвртокот, адвокатите на Трамп се заканија со тужби доколку биде издадена. Во неа, висок функционер од Белата куќа го опишува Трамп како „идиот“, а друг вели дека „неговите ментални моќи попуштаат“.