Новоизбраниот Совет на Општина Тетово денеска ја одржа својата прва седница, на која за претседавач е избран Јусуф Абдули од коалицијата „Вреди“. На изборот на Абдули реагираа од коалицијата НАИ предводена од ДУИ и од „Подобро за Тетово“. Тие кажаа дека изборот е направен без да им се овозможи да дискутираат за овој предлог и го обвинија Абдули дека вршел партизација во образованието.
Од 31 советник во Советот, за Абдули гласаа 16, 13 од „Вреди“ и три од ВМРО-ДПМНЕ, 11 беа против, еден беше воздржан, еден советник не гласаше, додека двајца не присуствуваа на седницата.
Иако Општинската изборна комисија им ги врачи уверенијата на советниците уште пред 15 дена, првата седница на Советот се одржа дури денеска. Неофицијално дознаваме, а тоа го вели и опозицијата, дека ваквото одолговлекување на конституирањето на Советот на Општина Тетово доаѓа поради внатрешни несогласувања во „Вреди“ кој да биде претседавач на Советот. Наводните недоразбирања биле решени на тој начин што Абдули, кој доаѓа од Алтернатива, го добил местото претседавач, а носителот на листата на „Вреди“ за овие локални избори Алби Ќамили ќе стане заменик-градоначалник на Тетово. Оваа функција досега ја немаше, а сега ја потврди и градоначалникот Билал Касами.
„Од овој состав на Советот ќе има и заменик на градоначалникот, а тоа ќе биде советникот Алби Ќамили, кој согласно Статутот на Општина Тетово ќе ме заменува во ситуации која јас нема да бидам во можност да ги вршам моите надлежности како градоначалник“, изјави Касами.
„Мислевме дека пазарењето е помеѓу ‘Вреди‘ и ВМРО-ДПМНЕ, но испадна дека било во ‘Вреди‘ внатре. Кога доаѓа време за собирање гласови тие се здружуваат, но кога доаѓа до поделба на позициите, се дисперзираат, па гледаме дека на носителот на листата на ‘Вреди‘ му е дадена функција која не постои во легислативата, а лице кое не од партијата на Касами е избран за претседавач на Советот“, изјави Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“.
З. АНДОНОВ



