Јужнокорејски државјанин ја преминал силно утврдената граница со Северна Кореја во едно од ретките вакви пребегнувања. Војската на Јужна Кореја спровела неколкучасовна потрага, но не успеала да го пронајде бегалецот, чија судбина е непозната.
Тој бил забележан на источниот брег од Демилитаризираната зона која ги раздвојува двете Кореи вчера во 21:20 часот по локално време. Сеул испратил порака до Северна Кореја, барајќи да го заштити. Од почетокот на пандемијата, Северна Кореја води политика на пукање на самото место.
Во септември 2020, севернокорејските војници застрелаа и запалија функционер на јужнокорејските рибарски власти. Пјонгјанг кажа дека тоа било дел од нивните мерки против коронавирусот и се извини.
Рестрикциите што ги воведе Северна Кореја од почетокот на пандемијата значително го намалија бројот на пребегнувања во Јужна Кореја. Оваа граница е една од најутврдените и најчувани области на светот.