Јужнокорејскиот опозициски лидер Ли Џае-мјунг е прободен со нож во вратот при посета на градот Бусан. Ли, кој тесно ги изгуби претседателските избори во 2022, беше префрлен во болница и лекарите кажаа дека животот не му е загрозен.
Шеесет и шестгодишниот напаѓач изјави дека имал намера да го убие Ли. Мотивот засега не е познат. Нападот што се случи среде ден ја шокираше нацијата и беше осуден од сите политички партии.
Ли, кој ја води Демократската партија на Кореја, бил нападнат додека зборел на прес-конференција при посета на градилиште во пристаништето во Бусан. Напаѓачот наводно му пристапил со цел да му побара автограм, пред да му се нафрли и да го прободе. Оружјето било 18 сантиметри долг нож, што напаѓачот го купил преку интернет, соопшти полицијата.
Напаѓачот веднаш бил совладан и уапсен. Обвинителството планира да го обвини за обид за убиство.
Ли ги изгуби претседателските избори во 2022 со разлика од само 0,73% гласови. Откако ги изгуби изборите, тој беше обвинет за корупција, односно дека им дозволил на приватни инвеститори незаконски да профитираат од имотен проект додека бил градоначалник на Сеонгнам.