Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, прогласи воена состојба, велејќи дека тоа е неопходен потег за да се заштити земјата од комунистичките сили на Северна Кореја и да се отстранат антидржавните елементи.
„Целта на воената состојба е да се елиминираат силите кои ја поддржуваат Северна Кореја и да се заштити либералниот уставен поредок. Немав друг избор освен да прогласам воена состојба“, изјави Јун, без да наведе какви мерки ќе бидат преземени.
Воена состојба претставува привремено владеење на воените власти во време на вонредна состојба, кога цивилните власти не можат соодветно да функционираат.
Јун денеска ја обвини јужнокорејската опозиција дека владее со парламентот, ја симпатизира Северна Кореја и ја парализира владата со антидржавни акции. Опозициската Демократска партија има мнозинство во парламентот и затоа има можност да ги спречи плановите на Јун за буџетот за 2025.
Лидерот на Демократската партија, Ли Џае-мјунг, изјави дека декларацијата за воена состојба е неуставна, а Хан Донг-хон, шефот на партијата од која што доаѓа Јун, исто така кажа дека ќе ја блокира декларацијата.