Иранската револуционерна гарда порача дека целосно ќе го затвори Ормускиот Теснец и ќе ги нападне системите за струја и вода во соседните земји ако Доналд Трамп ги реализира своите закани за напади врз иранските електрани. Само ден откако најави намалување на воените операции, Трамп ноќеска му даде ултиматум на Иран да го отвори Ормускиот Теснец во рок од 48 часа или ќе нареди целосно уништување на иранските електрани.
„Исламската револуционерна гарда целосно ќе го затвори Ормускиот Теснец доколку САД ја нападнат иранската енергетска инфраструктура. Тој ќе биде затворен сè додека нашите уништени електрани не бидат обновени“, објавија иранските медиуми.
Иако нападите врз електричната мрежа би можеле да му наштетат на Иран, тие би биле потенцијално катастрофални за неговите соседи од Заливот, кои трошат околу петпати повеќе енергија по глава на жител. Електричната енергија ги прави нивните блескави пустински градови погодни за живеење, а повеќето од нив ја добиваат речиси целата вода за пиење со прочистување на морската вода.
Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Бакер Калибаф напиша на Икс дека критичната инфраструктура и енергетските објекти на Блискиот Исток би можеле да бидат неповратно уништени доколку бидат нападнати иранските електрани.
„Електраните во Израел и во земјите во регионот каде што се наоѓаат американски бази ќе бидат наши легитимни мети. Ние не ја започнавме војната и нема да ја започнеме сега, но ако непријателот им наштети на нашите електрани, ќе направиме сè за да ги одбраниме земјата и интересите на нашиот народ“, објави Револуционерната гарда, додавајќи дека ќе нападнат и секоја компанија во регионот во која има американски акции.
Техеран денеска објави дека Ормускиот Теснец е отворен за сите земји освен за непријателите на Иран. Ормускиот Теснец, низ кој минува една петина од светската нафта, е затворен за најголемиот број бродови од почетокот на американско-израелските напади врз Иран пред три недели. Блокадата на 50 километри широкиот премин и нападите врз бродовите доведоа до пораст на глобалните цени на нафтата и гасот.



