Володимир Зеленски порача дека е отворен за разговори со Русија, но само за вистински преговори кои ќе доведат до враќање на украинските граници, компензација за штетите од руските напади и казнување на одговорните за воени злосторства.
Тој реагираше на написите на „Вашингтон пост“ дека САД го притискаат Киев да испрати сигнали дека е спремен да разговара со Русија, со цел да ја задржи широката меѓународна поддршка.
„Неопходно е Русија веднаш да ја запре својата агресија, да го обнови нашиот територијален интегритет и да почне искрени мировни преговори. Украина постојано предлагаше такви преговори, но секогаш сме добивале луди руски одговори во вид на нови терористички напади, уцени и гранатирања. Нашите услови се целосно разбирливи“, изјави Зеленски.
Во септември, Зеленски кажа дека Украина нема да преговара со Русија сè додека Владимир Путин е претседател. Киев го повтори овој став и во изминатите денови, додавајќи дека би преговарал со негов наследник.
„Преговарање со Путин значи дека се предаваме, а ние никогаш нема да му го дадеме тој подарок. Руската војска мора да ја напушти територијата на Украина, дури потоа ќе има дијалог“, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.