Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не ја исклучи можноста за нови напади врз лидерите на Хамас, велејќи дека тие нема да имаат имунитет каде и да се. Зборувајќи на заедничка прес-конференција со американскиот државен секретар Марко Рубио во Ерусалим, Нетанјаху рече дека секоја земја има право да се брани надвор од своите граници.
Одлуката на Израел да нападне лидери на Хамас во Катар, кој е близок сојузник на САД, предизвика меѓународен бес и критики од Доналд Трамп. Хамас соопшти дека шест лица се убиени, но лидерите кои биле мета преживеале. Нетанјаху негираше дека Америка била вмешана во овој напад.
„Го направивме тоа сами. Точка“, рече тој.
Средбата Рубио-Нетанјаху се совпадна со самит на арапските лидери во знак на поддршка за Катар. Неговиот премиер ја повика меѓународната заедница да престане да применува двојни стандарди и да го казни Израел.
Запрашан дали нападот на Израел ги нарушил односите на САД во регионот, Рубио рече:
„Вашингтон одржува силни односи со нашите сојузници во заливот. Не сме среќни со тоа што се случи, но одиме понатаму“.
Во Катар се наоѓа голема американска воздухопловна база, а земјата одигра клучна улога во посредувањето за завршување на војната во Газа. Во исто време, израелската војска продолжува да урива станбени згради во градот Газа како најава на очекуваната копнена офанзива против Хамас. Војската проценува дека 250.000 луѓе го напуштиле градот, но стотици илјади остануваат.