Британската актерка Кејт Винслет ѝ донираше 17 илјади фунти на една мајка за да ја покрие високата сметка за струја за лекувањето на нејзината ќерка. Дванаесетгодишната Фрија има церебрална парализа и е на машина која ја одржува во живот поради проблеми со дишењето. Мајката, Каролин Хантер добила предупредување од градскиот совет дека сметката може да биде огромна следната година.
Хантер вели дека била пресреќна кога оскаровката и ѕвезда на „Титаник“ ги донирала парите и ја контактирала. Семејството годишно троши по 6.500 фунти за одржување на домот и за загревање, но зимава, греењето е исклучено во повеќето соби, со цел да заштедат повеќе.
„Нашето патување како семејство е доста трауматично и се почувствував немоќно во оваа фаза. Кога слушнав за парите, се расплакав. Не ми се веруваше“, вели 49-годишната Хантер.