Ако сакате да бидете здрави и да живеете долго, Роберт Кенеди Џуниор е најдобриот избор за министер за здравство, кажа Доналд Трамп на гала свеченост во Мар-а-Лаго во Флорида, каде што го одржа својот прв говор од победата на изборите. На настанот присуствуваа и личности кои ќе бидат дел од неговата нова влада, како Илон Маск, Вивек Рамасвами, Кенеди и гувернерот на Јужна Дакота, Даг Бургум, кој треба да биде министер за внатрешни работи.
„Роберт е голем ум кој сака да ги направи Американците здрави и тоа е она што го води како луд во изминатите години. Тоа е најважната позиција“, кажа Трамп.
Кенеди, кој е син на Роберт Кенеди и внук на Џон Кенеди, во изминатите денови посочуваше дека неговите приоритети вклучуваат решавање на „епидемијата на хронични состојби“, како дебелина, дијабетес и аутизам и намалување на хемикалиите во храната. Тој во изминатите години беше критикуван за ширењето теории на заговор и дезинформации за ковид-19 и вакцини и некои организации и функционери го опишаа неговиот избор за министер како опасност за јавното здравје.
Кенеди претходно кажа дека ќе го советува Трамп да го отстрани флуоридот од водата за пиење уште првиот ден кога ќе стапи на функцијата.
„Неговиот избор е лудило. Тој ќе ги уништи инфраструктурата на нашето јавно здравство и системите за дистрибуција на вакцини. Тоа ќе чини многу животи“, изјави демократскиот претставник во долниот дом на Конгресот, Роберт Гарсија.
За Маск и Рамасвами, кои ќе го водат новоформираниот оддел за владина ефикасност, Трамп кажа дека се луѓе со исклучително високо ниво на интелигенција кои ќе ѝ заштедат многу пари на Америка.