Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Пекинг по 24-часовно патување со воз, а го придружува неговата ќерка Ким Џу Ае. Ким утре ќе присуствува на голема воена парада, со која Кина ќе одбележи 80 години од предавањето на Јапонија и крајот на Втората светска војна, при што се очекува да покаже свои најнови и досега невидени оружја.
Фотографии го покажаа Ким како излегува од својот оклопен воз на железничката станица во Пекинг, при што го следи ќерка му Ким, за која јужнокорејските разузнавачи сметаат дека е негов најверојатен наследник.
Таа често се појавуваше во јавност со татко ѝ откако првпат беше видена во ноември 2022. Малку информации има за Ким, а не се знае точно и колку години има. Во 2023, Јужна Кореја кажа дека има околу десет години.
Ова ќе биде првпат од 1959 година севернокорејски лидер да присуствува на кинеска воена парада. Ким последен пат го посети Пекинг во 2019. Тој ретко патува во странство и во последно време беше само кај Путин во Русија. Сега ќе биде еден од 26-темина странски шефови на влади и држави кои ќе присуствуваат на парадата.