КИМ ЏОНГ-УН ЗА 35. РОДЕНДЕН ДОЈДЕ ВО НЕНАЈАВЕНА ПОСЕТА НА КИНА, НА ПОВИДОК НОВ САМИТ СО ТРАМП

    КИМ ЏОНГ-УН ЗА 35. РОДЕНДЕН ДОЈДЕ ВО НЕНАЈАВЕНА ПОСЕТА НА КИНА, НА ПОВИДОК НОВ САМИТ СО ТРАМПКим Џонг-Ун дојде во тридневна посета на Пекинг со сопругата Ри (Фото: ЕПА)

    Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун пристигна во ненајавена посета на Кина, на покана од претседателот Шји Џјинпинг.

    Според државните медиуми, Ким и неговата сопруга Ри Сол-Ју ќе останат во Кина до 10 јануари и веста беше потврдена откако вчера се појавија шпекулации дека севернокорејски воз ја поминал границата со Кина. Оваа посета уследи среде информациите дека се подготвува втора средба помеѓу Ким и Доналд Трамп.

    Десетици безбедносни возила ги блокираа патиштата околу железничката станица во пограничниот град Дандонг и двете земји утрово потврдија дека препознатливиот зелено-жолт воз на Ким пристигнал во Пекинг.

    Ким денеска наводно полни 35. роденден, иако датумот никогаш официјално не е признат од Пјонгјанг.

    Тој ниту еднаш не се сретна со Шји во првите шест години од своето владеење, но лани го направи тоа дури трипати, прво во март. Ниту еднаш тоа не беше однапред најавено и се верува дека оваа посета е вовед во нов самит Ким-Трамп, што наскоро треба да биде објавен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира