Регионалните власти во Кина најавија олеснување на мерките против коронавирусот, но потврдија дека остануваат верни на државната нулта ковид политика, откако на протестите низ земјата дури се бараше оставка од претседателот Шји Џинпинг. Владата не ги коментираше протестите и критиките кон Шји, што е најраширеното изразување на јавно незадоволство во земјата во последните децении.
Не е објавено ни колку луѓе се приведени, откако полицијата употреби солзавец против демонстрантите во Шангај и се мачеше да ги скроти протестите во другите градови, вклучувајќи го Пекинг. Меѓу уапсените е и новинар на Би-Би-Си кој ги следел протестите.
Улиците во Шангај на кои што досега се протестираше денеска беа оградени со сини метални бариери, за да се спречат собири на луѓето.
Градските власти на Пекинг кажаа дека веќе нема да се блокира пристапот до станбените згради каде што се откриени случаи на зараза. Протестите почнаа минатата недела, по пожарот во станбена зграда во западниот град Урумки, во кој загинаа десетмина станари. Зградата во тој момент била во строг карантин и на никого не му било дозволено да излегува.
Нулта ковид политика, која предвидува изолација на секое заразено лице, ѝ овозможи на Кина да одржува ниски бројки во пандемијата, но во некои области луѓето се затворени во своите домови веќе четири месеци. Минатиот месец, владата вети дека ќе ги промени правилата за карантин и други мерки.
Протестите против коронамерките избија во осум големи градови, при што се извикуваа слогани и против претседателот Шји, што е невообичаена глетка за Кина, каде што критикувањето на владата и претседателот може да резултира со жестоки казни.