Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги обвини Кина, Иран и Русија дека не го почитуваат меѓународните договори и кажа дека на организациите како Обединетите нации, Европската унија, Африканската унија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка очајно им се потребни промени.
Во говорот пред Германскиот Маршалов фонд денеска во Брисел, Помпео рече дека САД ќе продолжи да го прозива „лошите актери“ кои ги експлоатираат дупките во правилата на овие институции за своја корист.
„Под водство на претседателот Трамп, ние не се откажуваме од меѓународното лидерство или од нашите пријатели во меѓународниот систем. Ние делуваме да зачуваме, заштитиме и да унапредиме еден отворен, правичен и транспарентен слободен свет со суверени држави. За овој проект е потребна вистинска, не измислена, ресторација на либералниот ред меѓу нациите“, изјави Помпео.
Трамп во октомври најави дека ќе се повлече од пактот за нуклеарно оружје со Русија од 1987 година, велејќи дека Москва не го почитува Пактот за нуклеарно оружје од среден дострел.
Сојузниците од НАТО го повикаа Трамп да не ја спроведе оваа негова одлука и место тоа да работи со Русија да го спроведува пактот.