Лидерот на опозициската Народна партија, Алберто Нуњес Феихо, прогласи победа на вчерашните предвремени парламентарни избори во Шпанија, но не го оствари потребниот резултат. Дури и со поддршка од крајната десница, Народната партија нема да има мнозинство во парламентот.
„Реакционерниот блок не успеа“, изјави актуелниот премиер Педро Санчес, чии Социјалисти исто така ги прогласија изборите за успешни, поради што Шпанија ја чека неизвесен политички период.
Иако изборите се одржаа среде топлотен бран во земјата, излезноста беше 70%.
Феихо им кажа на своите конзервативни приврзаници дека има задача да се обиде да формира влада. Народната партија освои 136 места во парламентот, но и со 33-цата пратеници од крајнодесничарската партија Вокс, сепак ќе ѝ недостигаат уште седуммина за апсолутно мнозинство. Затоа се очекува Шпанија да оди на нови избори кон крајот на годината.
Со ваквиот резултат најсреќни се социјалистите на Санчес и нивниот сојузник од крајната левица, Сумар. Иако изгубија, социјалистите освоија две пратенички места повеќе од претходно.