Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го распушти парламентот и распиша вонредни избори откако пратениците не успеаја да изберат нов шеф на државата во уставно предвидениот рок. Парламентот имаше рок до ноќеска на полноќ да избере нов претседател, бидејќи на Османи ѝ истекува мандатот во април, но опозициските партии одбија да учествуваат во гласањето.
Според законите во Косово, неуспехот да се избере нов претседател автоматски значи распишување вонредни избори.
Овој потег ќе ја продолжи политичката криза во земјата, која лани беше без влада речиси цела година, пред Самоопределување на Албин Курти убедливо да победи на изборите на 28 декември.
„Парламент кој не може да избере претседател не може бесконечно да го одолговлекува процесот, како што се обидуваат. Никој не треба да посакува уште еден политички циклус, особено во овој момент, кога на земјата ѝ е потребна стабилност“, рече Османи.
Иако освои доволно места во парламентот за да формира влада, партијата на Курти не успеа да ја придобие опозицијата за избор на нов претседател. Опозициските партии бараа консензуален кандидат, додека Курти го номинираше својот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца.
Османи денеска ќе се сретне со лидерите на политичките партии за да го одредат датумот на изборите.



