КРАЈНАТА ДЕСНИЦА ПРВПАТ ПОБЕДИ НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО АВСТРИЈА, НО НИКОЈ НЕ САКА ДА КОАЛИЦИРА СО НЕА

    КРАЈНАТА ДЕСНИЦА ПРВПАТ ПОБЕДИ НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО АВСТРИЈА, НО НИКОЈ НЕ САКА ДА КОАЛИЦИРА СО НЕАПартијата на Херберт Кикл ќе освои 29,2% гласови (Фото: АП)

    Крајнодесничарската Партија на слободата (ФПО) се движи кон првата победа на парламентарните избори во Австрија, велат проекциите. Засновани врз првичните резултати, тие велат дека партијата на Херберт Кикл ќе освои 29,2% гласови, три проценти повеќе од конзервативната Народна партија, но, сепак, нема да има мнозинство.

    ФПО веќе беше во владејачка коалиција во минатото, но сега првпат ќе биде најголемата партија во парламентот. Народната партија претходно кажа дека нема да учествува во влада предводена од ФПО.

    Невозможно е да се формира влада со некој кој обожава теории на заговор“, кажа актуелниот канцелар Карл Нехамер за Кикл.

    Миграцијата, азилот, инфлацијата и војната во Украина беа темите на кои ФПО собра најмногу поени кај гласачите.

    Мажите и жените на Австрија испишаа историја денеска“, изјави генералниот секретар на ФПО, Михаел Шнедлиц, одбивајќи да каже каква коалиција би сакале да формираат.

    Се проценува дека ФПО ќе има 57 пратеници во парламентот со 183 места, конзервативците 51, а Социјалдемократите 40.

    Во кампањата, Кикл се опишуваше себеси како фолксканцелар или народен канцелар, термин што се користеше за Адолф Хитлер во 1930-тите, што загрижи дел од Австријците. Тој вети дека ќе ја претвори Австрија во тврдина, со цел да се обноват безбедност, просперитет и мир.

    Партијата на слободата била основана од бившите нацисти во 1950-тите и како и останатите европски крајнодесничарски партии, зазема цврст став кон имиграцијата и исламот и ветува дека ќе го намали мешањето на Брисел во националните прашања. Кикл, кој порано беше министер за внатрешни работи, исто така ја усогласи својата партија со нелибералниот демократ Виктор Орбан и има помирувачки тон кон Русија.

    И Социјалдемократите и Зелените ја отфрлија можноста за коалицирање со ФПО, чија најдобра шанса останува Народната партија, но таа не го прифаќа Кикл за канцелар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира