Кремљ денеска го отфрли тврдењето на Доналд Трамп дека Владимир Путин би прифатил распоредување европски мировни трупи во Украина.
Трамп вчера кажа дека војната во Украина би можела да заврши за неколку недели и тврдеше дека и Путин го поддржува присуството на европски трупи во Украина.
„Да, ќе го прифати тоа. Специјално му го поставив тоа прашање на Путин и тој нема проблем со тоа“, рече Трамп за време на средбата со Емануел Макрон во Белата куќа.
Но, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков денеска изјави дека таков потег би бил неприфатлив за Русија.
„Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров беше јасен по ова прашање. Не би имал што да додадам и коментирам“, кажа Песков.
По руско-американските разговори во Ријад минатата недела, Лавров ја отфрли идејата за испраќање војски на НАТО во Украина во рамките на мировни сили.
За разлика од Трамп, кој смета дека војната во Украина може брзо да се заврши, Путин вчера изјави дека решението можеби не е така блиску.
„Трамп пристапува кон оваа војна рационално и неемотивно, но таа можеби нема да заврши така брзо како што тој мисли. Не разговаравме за мировниот договор во детали. Само се согласивме дека треба да продолжиме со разговори“, изјави рускиот претседател.