Кристијан Шмит поднесе оставка од функцијата висок претставник за Босна и Херцеговина, на која што помина речиси пет години, во текот на кои го надгледуваше спроведувањето на мирот во земјата, но и се судираше со лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
За заминувањето на 68-годишниот Шмит прв извести германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој објави дека тој лично одлучил да се повлече. Според весникот, Шмит ќе остане на функцијата додека не се назначи негов наследник.
Канцеларијата на високиот претставник беше основана по завршувањето на војната во БиХ во 1995 и нејзината главна задача е да го надгледува цивилното спроведувањето на Дејтинскиот мировен договор.
Шмит дојде на функцијата во 2021 и неговиот мандат беше обележан со чести тензии со Република Српска. Нејзиниот бивш претседател Додик го негираше легитимитетот на Шмит, сметајќи дека неговото назначување немаше формално одобрение од Советот за безбедност на Обединетите нации поради противењето од Кина и Русија. Додик го опишуваше Шмит како „турист без моќ“ и како закана за Република Српска.



