КРУНИСАН КРАЛОТ ЧАРЛС ТРЕТИ, КАМИЛА СТАНА КРАЛИЦА

    КРУНИСАН КРАЛОТ ЧАРЛС ТРЕТИ, КАМИЛА СТАНА КРАЛИЦАОблечен во темноцрвената кадифена облека на неговиот дедо, кралот Чарлс се заколна, беше помазан со свето масло, пред на главата да му биде ставена круната на Свети Едвард стара 360 години седејќи на престолот од 14 век. (Фото: ПА)

    Чарлс Трети и Камила денеска се крунисани за крал и кралица на Обединетото кралство на церемонија полна со музика и симболика во Вестминстерската опатија во Лондон. Облечен во темноцрвената кадифена облека на неговиот дедо, кралот Чарлс се заколна, беше помазан со свето масло, пред на главата да му биде ставена круната на Свети Едвард стара 360 години седејќи на престолот од 14 век. Тоа беше последниот дел од седумдецениското патување за Чарлс од наследник до монарх.

    Изработена од цврсто 22-каратно злато, 360-годишната круна е висока над 30 сантиметри и е тешка, тежи околу 2,23 килограми.

    Потоа Камила, сопругата-кралица, беше крунисана за кралица со круната на кралицата Мери на слична церемонија.

    Камила, сопругата-кралица, беше крунисана со круната на кралицата Мери на слична церемонија (Фото: ПА)

    Околу 2.200 луѓе, сосе кралското семејство, познати личности, верски водачи и шефови на држави, во Опатијата беа присутни на крунисувањето.

    По крунисувањето, кралот и кралицата ги поздравија граѓаните од балконот на Бакингемската палата. (Фото: ПА)

    Кралската двојка пристигна на службата во државната кочија за дијамантски јубилеј по поворката низ центарот на Лондон.
    Настанот денеска беше во помал обем од оној што беше организиран за кралицата Елизабета Втора во 1953 година, но сепак се стремеше да биде спектакуларен, со низа историски регалии, од златни топчиња и мечеви со скапоцени камења до жезол кој го има најголемиот безбоен дијамант во светот.

    Синот Вилијам, принцот од Велс се заколна на верност на кралот. (Фото: ПА)

    Чарлс автоматски ја наследи мајка си како крал по нејзината смрт лани во септември, а крунисувањето не е суштинско, туку се смета за средство за легитимирање на монархот на јавен начин.

    Како што пристигнуваа гостите, црквата зуеше од возбуда и беше преполна со миризливи цвеќиња и шарени капи. Меѓу нив беа првата дама на САД Џил Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо, осум актуелни и поранешни британски премиери, како и Џуди Денч, Ема Томпсон и Лајонел Ричи.

    Принцот од Велс, принцезата Шарлот, принцот Луис, принцезата од Велс на крунисувањето. (Фото: ПА)

    Илјадници луѓе од цела Велика Британија и од целиот свет кампуваа во текот на ноќта по патеката долга 2 километра по која кралот и неговата сопруга Камила патуваа за да стигнат до опатијата.

    На крунисувањето беше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, а вчера присуствуваа и на прием во Бакингамската палата на кралот Чарлс Трети за странски гости, шефови на држави со кои Обединетото Кралство има дипломатски односи. (Фото: Претседател на РСМ)

    Неколку часа пред крунисувањето, лидерот и членови на антимонархиската група Република, беа меѓу десетината уапсени во близина на плоштадот Трафалгар поради заканата за масови протести против кралот и крунисувањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира