Кубанските граничари убија четири лица кои се обиделе да влезат во кубанските територијални води со глисер регистриран во САД. Кубанското министерство за надворешни работи кажа дека сите патници на глисерот, од кои шестмина се ранети, се кубански државјани, кои отвориле оган кон пловило на кубанската крајбрежна стража кога се доближиле до остров покрај северниот брег на земјата.
„Десетте лица, од кои некои имале криминално досие, беа вооружени и имале намера да влезат во земјата со терористички намери. Преживеаните патници се приведени и идентификувани. Во глисерот имало пиштоли, автоматски пушки и импровизирани експлозивни направи“, соопшти кубанското министерство за надворешни работи.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД го истражуваат инцидентот, што го опиша како многу необичен.
„Се обидуваме да дознаеме што правеле патниците во таа област. Ова не е нешто што се гледа така често“, рече Рубио, додавајќи дека САД нема да се потпираат на информации добиени од кубанската влада.
Кубанските власти кажаа дека глисерот бил регистриран во Флорида и дека е уапсено уште едно лице кои признало дека било дел од наводниот заговор.
„Кога кубански брод со петмина припадници на граничната полиција се приближил до глисерот заради идентификација, екипажот на глисерот отворил оган и го ранил кубанскиот командант. Како последица на конфронтацијата, четворица агресори од странскиот брод биле убиени, а шестмина повредени“, соопшти кубанското министерство за внатрешни работи.



