КУЌЕН ПРИТВОР ЗА РАКОВОДИТЕЛИ НА ПРИСТАНИШТЕТО ВО БЕЈРУТ ПО ЕКСПЛОЗИЈАТА ШТО УБИ 113 ЛУЃЕ

    КУЌЕН ПРИТВОР ЗА РАКОВОДИТЕЛИ НА ПРИСТАНИШТЕТО ВО БЕЈРУТ ПО ЕКСПЛОЗИЈАТА ШТО УБИ 113 ЛУЃЕОд експлозијата - која удри со сила на земјотрес од 3,5 степени - зградите во радиус од неколку километри во градот се оштетени, а гувернерот на Бејрут рече дека стотици илјади луѓе не ќе може да се вратат дома два или три месеци. (Фото: АП)

    Истражителите почнаа со потрага низ урнатините на пристаништетто во Бејрут, барајќи докази што ја причинило масивната експлозија што го стресе либанскиот главен град. По итната седница, Владата нареди куќен притвор за неодреден број раководители на пристаништето, додека трае истрагата како 2.750 тони алуминиум нитрат, кој се користи за ѓубриво и бомби, шест години бил складиран на пристаништето без мерки за безбедност. Прогласена е и двонеделна вонредна состојба, со целосна моќ на војската во тој период. Засега има 113 мртви и над 4.000 повредени во експлозијата.

    Јавниот обвинител нареди безбедносните служби да почнат итна истрага и да ги соберат извештаите и писмата во врска со материјалите складирани на пристаништето, како и да направат листа на луѓе кои биле одговорни за одржување, складирање и заштита на хангарот.

    Товарот со 2.750 тони алуминиум нитрат бил запленет од брод во 2013 и оттогаш е складиран на пристаништето, а се верува дека детонирал откако во близина избил пожар. Експлозијата – која удри со сила на земјотрес од 3,5 степени – е најголемата во Бејрут, градот кој ечел од експлозии во граѓанската војна 1975-1990, бил бомбардиран во конфликтот со Израел и бил погоден од повремени терористички напади.

    Зградите во радиус од неколку километри во градот се оштетени, а гувернерот на Бејрут рече дека стотици илјади луѓе не ќе може да се вратат дома два или три месеци.

    Царината испратила шест документи до судот со предупредување дека материјалот е опасност и барање да се дислоцира, но никој не презел ништо, изјави за локалната ТВ директорот на царинската управа. Извори од пристанишната управа велат дека пред 6 месеци тим го испитал амониум нитратот и предупредил дека ако не се дислоцира „ќе го крене во воздух цел Бејрут“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира