Себастијан Курц се повлече вчера од канцеларската функција за да ја спаси владејачката коалиција и водечкиот австриски весник „Кронен цајтунг“ ја спореди неговата идна улога со онаа на Владимир Путин додека беше руски премиер. Своевремено најмладиот лидер на држава на светот поднесе оставка откако против него беше покрената истрага за корупција.
Коалицискиот партнер Зелена партија инсистираше на оставката на Курц и денеска велат дека се задоволни со неговиот потег. Сепак, Курц ќе остане на чело на Народната партија и ќе биде нејзин лидер во парламентот, што ќе му овозможи да има големо влијание врз владата.
Курц го предложи министерот за надворешни работи Александер Шаленберг за нов канцелар, кој е негов близок соработник и ги дели неговите тврди ставови за имиграцијата.
„Овој тактички маневар потсетува на рускиот претседател Владимир Путин кога му ја предаде власта на Медведев, за потоа да си ја поврати“, пишува „Кронен цајтунг“, додавајќи дека повлекувањето на Курц ќе има краток век.
Путин беше премиер додека Медведев беше претседател на Русија од 2008 до 2012 и потоа се врати на функцијата.
Курц ги негира обвинувањата и вети дека ќе се бори против нив. Во средата, обвинителите кажаа дека Курц се наоѓа под истрага поради тврдењата дека владини пари биле користени во коруптивна зделка за да се обезбеди позитивно известување во еден таблоиден весник.
„Курц ќе биде канцелар од сенка и ќе продолжи да ги влече конците“, изјави лидерката на опозициските Социјалдемократи, Памела Ренди-Вагнер.