Владејачката Лабуристичка партија го освои вториот мандат на вчерашните парламентарни избори во Норвешка, додека популистичката десница го оствари својот најдобар изборен резултат досега, велат официјалните резултати. Лабуристите на премиерот Јонас Гар Стере и четири помали полевичарски партии заедно ќе имаат 87 места во парламентот, две повеќе од потребното мнозинство.
Шеесет и петгодишниот Стере и натаму ќе мора да се потпира на своите помали сојузници при донесувањето големи закони, како буџетот. За да ја добие нивната поддршка, тој веројатно ќе се соочи со тешки дискусии за прашања, како што се зголемувањето на даноците за богатите и идните истражувања на нафта.
„Ова е сигнал дека социјалдемократијата може да победи и покрај десничарскиот бран во Европа“, кажа Стере.
И покрај победата на левицата, вчерашното гласање покажа дополнително приклонување на конзервативните гласачи кон десницата, па антиимигрантската Партија на прогресот го оствари својот најдобар резултат досега и ќе има 48 пратеници во парламентот со 169 места. Нејзините ветувања за големо намалување на даноците привлекоа многу гласачи.
Ниедна од десничарските партии кои влегоа во парламентот не бараше поддршка од Доналд Трамп, како што беше случај во некои други европски држави.