Американски функционери потврдија дека Украина употребила проектили со долг дострел „АТАЦМС“ за да го нападне рускиот пограничен регион Брјанск ноќеска. Руското министерство за одбрана претходно кажа дека биле соборени пет вакви проектили, а еден бил оштетен, по што паднати остатоци предизвикале пожар во воен објект во Брјанск.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини САД дека сакаат да го засилат конфликтот.
„Овие проектили испукани кон регионот Брјанск се сигнал дека САД сакаат ескалација. Без Американците, користењето на овие високотехнолошки проектили би било невозможно. Од ова произлегува заклучок дека проектилите биле управувани од американски воени експерти. Русија ќе реагира соодветно“, изјави Лавров.
Украина денеска потврди дека погодила складиште со муниција во Брјанск, но не кажа како бил изведен нападот, по кој следеле 12 секундарни експлозии. Складиштето се наоѓа околу 115 километри од границата, близу градот Карачев.
Кремљ утрово ја промени руската нуклеарна доктрина, поставувајќи нови услови под кои земјата би можела да го употреби својот нуклеарен арсенал. Документот сега вели дека напад од држава која не поседува нуклеарен арсенал, ако е поддржан од нуклеарна сила, ќе се смета за заеднички напад врз Русија.