Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Брисел дека спречил суверена држава да ја спроведува својата надворешна политика, откако мораше да ја откаже посетата на Србија. Тој денеска требаше да пристигне во Белград, но Бугарија, Македонија и Црна Гора не дозволиле прелет на неговиот авион.
„Се случи нешто незамисливо. Очигледно, Европската Унија ја виде посетата на рускиот министер за надвореши работи на Србија како закана. Секоја држава би требала да биде слободна во изборот на своите партнери, за што се залага и западот, но тој самиот го уништи тој избор“, изјави Лавров на прес-конференција.
Осврнувајќи се на тоа што три соседи на Србија го затворија својот воздушен простор за неговиот авион, Лавров кажа дека е јасно што се случи, иако тие сигурно ќе кажат дека сами ја донеле одлуката. Тој смета дека Црна Гора и останатите земји од регионот биле примени во НАТО само за да се казни и поткопа Србија.
„Никој нема да ги уништи нашите односи со Србија. НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балкан во свој проект под име ‘затворен Балкан‘“, изјави Лавров.
МНР соопшти дека го одбило барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација.