Емануел Макрон кажа дека нема да поднесе оставка и ги нападна своите политички противници, додека новата француска влада се соочува со гласање за доверба и би можела да биде соборена до крајот на неделата. Франција е среде најлошата политичка криза во последните децении откако неколку влади наидоа на жесток отпор поради најавите за кратење на буџетот.
Макрон промени петмина министри за помалку од две години и во петокот му даде нова шанса на Себастијан Лекорну, неколку дена откако тој поднесе оставка. Многумина од ривалите на Макрон побараа негова оставка и го повикаа да распише предвремени парламентарни избори.
По доаѓањето во Египет, каде што ќе учествува на мировен самит за Газа, Макрон истакна дека планира да го одработи својот втор мандат до 2027 година.
„Обезбедувам континуитет и стабилност и ќе продолжам да го правам тоа. Мандатот даден на претседателот значи да служи, служи и служи“, кажа Макрон.
Откако неговиот кабинет синоќа го објави составот на новата влада, во која главните места останаа непроменети, левицата и крајната десница денеска поднесоа барања за гласање на доверба. Лекорну веројатно ќе се соочи со гласање в четврток и нејасно е дали ќе собере доволно гласови за да го преживее бидејќи Социјалистите и натаму бараат поништување на пензиските реформи и воведување данок за милијардери.
Лекорну, чиј прв мандат траеше рекордно кратки 27 дена, не ја исклучи можноста за повторна оставка доколку не може да ја исполни својата мисија. Новата влада првпат ќе се сретне денеска и до среда мора да го претстави буџетот.