Германската владејачка коалиција доживеа тежок удар на изборите за Европскиот парламент, при што Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц го забележаа најлошиот изборен резултат во последните стотина години.
Имајќи предвид дека и поддршката за Зелените се намали за речиси половина, сето ова веројатно ќе ги обнови прашањата за стабилноста на владата. Тричлената унија не успеа да пронајде решенија за серија акутни проблеми со кои се соочува земјата. Иако следните редовни избори се во есен 2025, постојаните спорови во рамките на коалицијата ги подгреваат шпекулациите дека владата и порано би можела да падне.
Демохристијанскиот сојуз е јасен победник на вчерашните избори со 30,2% гласови, а одличен резултат оствари и крајнодесничарската Алтернатива за Германија, која заврши на второто место со 16% гласови, 5% повеќе во однос на претходните избори во 2019.
Во исто време, партијата на Шолц доби само 14% гласови, што претставува исклучителен пад на една од најважните германски политички партии. Овој пораз е особено срамен за Шолц, кој и покрај слабиот рејтинг, инсистираше да ја води кампањата заедно со Катарина Барли, главната кандидатка на партијата на изборите.
Главното прашање сега е дали владата на Шолц ќе преживее. Германските коалиции ретко се распаѓаат пред истекот на мандатот, но оваа е нетипична, зашто место вообичаените две, се состои од три партии. Резултатите од овие избори покажуваат дека само 30% германски гласачи и натаму ја поддржуваат коалицијата, со што и нејзиниот легитимитет е доведен во прашање. Третата членка на коалицијата Слободни демократи освои само 5% гласови, со што нејзината иднина е неизвесна.
Слични грижи го натераа францускиот претседател Емануел Макрон да го распушти парламентот и да свика вонредни избори набргу откако стана јасно дека крајнодесничарскиот Народен фронт победил на изборите.