Белорускиот претседател Александар Лукашенко му подари автоматска пушка на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун откако потпишаа договор за пријателство во Пјонгјанг. Двајцата лидери се согласија да соработуваат поблиску и да се спротивставуваат на притисокот од западот.
„Ви ја донесов пушката за секој случај, ако се појави непријателот“, му кажа Лукашенко на Ким.
За возврат, Ким му подари меч и вазна со ликот на Лукашенко.
„Можам да ви кажам како пријател, како човек кој веќе се видел во светот: вашата земја ја очекува голема иднина со вреден и дисциплиниран народ. Во време кога нормите на меѓународното право отворено се игнорираат и кршат од страна на властите, земјите треба да соработуваат во заштитата на својот суверенитет и во подобрувањето на благосостојбата на граѓаните“, додаде Лукашенко.
Тој го опиша договорот за пријателство како фундаментален, додека Ким рече дека со него ќе се гарантира стабилниот развој на билатералните односи.
И Северна Кореја и Белорусија се под строги санкции од западот. Пјонгјанг испрати големи количини муниција и илјадници војници за да ѝ помогне на Русија во војната против Украина. Во порака до Путин оваа недела, Ким рече дека Пјонгјанг секогаш ќе биде со Москва.



